На Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип се одржа студентскиот симпозиум „Innovating Health, Science, and Society: Student Research in Action Symposium“, организиран во соработка со The Ohio State University, со цел да се поттикнат научно-истражувачката работа, интердисциплинарната соработка и размената на идеи помеѓу студентите од различни академски средини.
Симпозиумот беше посветен на современи истражувања и иновации во медицинските науки, а во негови рамки беа реализирани 14 студентски презентации на теми поврзани со здравството, биомедицинските истражувања и улогата на науката во современото општество. Студентите имаа можност да ги презентираат своите истражувања, да дискутираат за актуелни научни предизвици и да разменат искуства со колеги и професори од Македонија и САД.
Настанот го отвори проректорката проф. д-р Ана Никодиновска, која ја истакна важноста на меѓународната академска соработка и растечката препознатливост на УГД на глобално ниво. Посебен акцент беше ставен на соработката помеѓу проф. д-р Татјана Рушковска и проф. д-р Lorraine Wallace, која претставува значаен мост помеѓу двете институции и отвора нови можности за студентите и младите истражувачи.
Во организацијата на симпозиумот активно учество зеде и СОМА, која придонесе во координацијата на настанот, комуникацијата со студентите и реализацијата на научните дискусии. Преку вакви активности, СОМА продолжува да ја поттикнува студентската вклученост во научно-истражувачката работа и да создава простор за професионален и академски развој на идните здравствени професионалци.
Симпозиумот претставува уште еден пример за тоа како преку меѓународна соработка, студентска иницијатива и научен ангажман се создава инспиративна средина во која младите истражувачи добиваат можност активно да придонесуваат во развојот на науката и медицината уште за време на своето образование.